Аптеката „Вера“ на Ахил Чаловски, основана во 1910 година, претставува еден од најстарите фармацевтски објекти во Битола. Сместен „Кај Рибарниците“, објектот ја отсликува архитектонската естетика на почетокот на XX век, кога аптеките добиваат централна улога во здравствениот систем. Зградата, иако денес е нефункционална, таа е составен дел историското урбано ткиво на Битола.
Јени Амам е еден од најрепрезентативните примери на ориенталната архитектура во Битола, за кој се претпоставува дека бил изграден во 17 век. Сместен во некогашниот Дрвен Пазар, овој амам бил место за хигиена, одмор и социјална интеракција, играјќи клучна улога во секојдневниот живот на градот. Активно функционирал до првата половина на 20 век, но со текот на времето бил напуштен и оставен на забот на времето. Иако денес неговите архитектонски елементи се речиси целосно исчезнати, некогашната структура со своите куполи и декоративни детали сведочела за богатството и влијанието на отоманската култура во регионот. Остатоците од амамот денес се едвај препознатливи, но неговото историско значење останува дел од колективната меморија на градот.
Болницата „Благовештение“, позната и како „Спитаљето“, била значајна цивилна здравствена установа во Битола. Изградена во 1829 година од браќата Пиника, била лоцирана на местото каде денес се наоѓа СОУ „Таки Даскало“. За време на Првата светска војна, болницата претрпела сериозни оштетувања, а по Втората светска војна била целосно срушена.
Изградена во 1876 година, Џепане (од турскиот збор „cephane“, што значи „барутана“) претставува значаен историски споменик над Битола. Објектот се состои од четири засебни камени структури, распоредени во форма на крст и опкружени со високи бедеми. Според преданието, мајсторите од Смилево што ја граделе тврдината одбиле да примат пари од битолскиот валија и командант на турската војска, Ќоса Ахмет Зеки-Паша, сметајќи ја изградбата за света работа. Денес, познатото Џепане, е оставено на милоста на времето.
Подигната во 1977 година пред битолскиот Музеј, Белата фонтана беше еден од најпрепознатливите урбани симболи на градот. Изработена од бел мермер, а инспирирана од хелиоцентричниот систем на Коперник, Фонтаната го славеше пријателството помеѓу Македонија и Полска. Преку својата оригинална структура, Белата фонтана претставуваше значаен дел од градскиот амбиент и живо културно наследство. Како неформално собиралиште за младите, Фонтаната „дишеше“ до 2016 година, кога поради „дотраеност“ беше срушена, предизвикувајќи револт меѓу битолчани.
Подигната во 1882 година како приватна резиденција на Сали-паша, оваа импозантна зграда била продадена на градските власти во 1892 година и претворена во гимназија со настава на турски јазик. За време на својата еволуција, гимназијата претрпела промени во наставните јазици преку примена на српскиот и бугарскиот јазик. На 6 февруари 1945 година, станала првото средно училиште во ослободена Македонија каде наставата се одвивала на македонски јазик. Претходно го носела името „Гоце Делчев“, а од 1952 година, со одлука на Наставничкиот совет, била преименувана во „Јосип Броз Тито“, име кое го носи и денес.
Со својата монументална купола и високо минаре, Јени џамија доминира во централниот дел на Битола, спроти Саат-кулата. Овој османлиски архитектонски бисер, изграден од битолскиот кадија Махмуд-ефенди во 1558 година, се одликува со квадратна основа, купола од 19 метри и минаре високо 39 метри. Внатрешноста била украсена со раскошни сталактитни детали и калиграфија, изработени од мајстори од Цариград. Интересно е што археолошките истражувања откриле темели на три постари христијански цркви под џамијата, најстарата од VII век. Денес, Јени џамија е служи како уметничка галерија.
Изградбата на Офицерскиот дом започнала во 1912 година под покровителство на Абдул Керим Паша, со цел да служи како центар за турските офицери. Сместен на Широк Сокак, објектот претставува уникатна комбинација на тврдина и палата, со карактеристични кули и декоративни елементи. Според некои усни преданија, зградата ја проектирале двајца архитекти од Виена, Австрија и Италија. Градбата ја изведувале мајстори од селото Смилево, а раководел со неа познатиот украински архитект Валери Гусин. По долга запуштеност, во 2021 година зградата беше целосно реновирана и сега функционира како културно-информативен центар, домаќин на разни културни настани и изложби.
Како еден од најпрепознатливите симболи на Битола, Саат-кулата е сместена во срцето на градот. Историските записи укажуваат на постоење на времемерна кула уште од 1664 година, иако не е со сигурност потврдено дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија“, околу 1830 година. Кулата има квадратна основа со страни од 5,8 метри и висина од околу 32 метри. Внатрешноста содржи спирални скали кои водат до врвот, каде што се наоѓа часовникот. Интересно е што, според легендата, при изградбата на кулата биле употребени околу 60.000 јајца, собрани од околните села, за да се зајакне малтерот. Во текот на своето постоење, Саат-кулата претрпела неколку обнови и промени на часовничкиот механизам. Денес, Саат-кулата е не само временски мерач, туку и значаен културен споменик кој сведочи за богатата историја и архитектонско наследство на Битола.
Изграден помеѓу 1897 и 1909 година под валијата Абдул Керим-паша, Стариот народен театар во Битола претставувал монументален објект со приземје и два ката, изведен во академски стил со прочистени линии и симетрична фасада. Служел како културен центар за театарски претстави и други манифестации. И покрај неговото културно значење, театарот бил срушен во 1980 година, а на негово место денес се наоѓа Домот на културата и плоштадот „Гоце Делчев“.
Изградена во 1830 година, црквата „Св. Димитриј“ е подигната на местото на поранешен параклис од 1726 година, кој бил уништен во пожар. Со посебно одобрение од османлиските власти, новата црква била изградена за само четири месеци, благодарение на доброволните прилози од битолските христијани. Во 1936 година, додадена е камбанарија, дело на архитектот Александар Дероко. Црквата „Св. Димитриј“ претставува централно место за православните верници во Битола, каде се одржуваат најголем број венчавки, крштевки и други значајни христијански обреди. Нејзината богата историја и архитектонска убавина ја прават важен дел од културното наследство на градот.
Интерно одделение: Ова одделение било едно од првите формирани по реновирањето на болницата по Втората светска војна. Се занимавало со дијагностика и лекување на внатрешни болести, обезбедувајќи грижа за пациентите со различни медицински состојби. Хируршко одделение: Формирано во истиот период, хируршкото одделение изведувало различни оперативни зафати, одговарајќи на потребите на населението за хируршка интервенција. Очно одделение и црквата „Св. Јован“: Очното одделение било посебно значајно за лекување на очни заболувања. Во негова близина се наоѓала малата црква „Св. Јован“, која за жал, денес не постои. Оваа црква претставувала духовен центар за пациентите и персоналот. Гинеколошко-акушерско одделение: Ова одделение било од витално значење за здравјето на жените и новороденчињата. Се наоѓало во посебна зграда, која функционирала до 1971 година, но денес е срушена. На нејзино место сега се наоѓа хотел „Премиер“. Зграда на Рендген и Детското одделение – Овој објект бил составен дел од Старата болница во Битола и одиграл значајна улога во медицинската грижа за децата и дијагностиката со рендген технологија. Со текот на времето, поради модернизацијата на здравствените установи, зградата била срушена и денес повеќе не постои. Заразно одделение – Како клучен дел од Старата болница, Заразното одделение било формирано за лекување и изолација на пациенти со заразни болести како тифус, туберкулоза и колера. Со преместувањето на здравствените услуги во понови објекти, ова одделение било напуштено и подоцна целосно срушено.
Како најголема и најсовремена мелница во Битола на почетокот на XX век (според некои изграден во 1902 година), млинот на Исмаил Паша - „Драгор“, бил првата парна мелница во градот, со капацитет од 15 тони брашно дневно. Градбата, подигната со масивни ѕидови од тула и камен, била изградена во близина на железничката станица за полесен транспорт на жито и брашно. Освен што обезбедувала леб за населението, мелницата имала значајна улога во економскиот развој на градот. По завршувањето на Втората светска војна, млинот ја задржал својата основна функција во рамките на ЗИК Пелагонија под името „Жито Битола“. Во јануари 2022 година објектот бил тешко оштетен од пожар, а денес, повторно функционира како мелница и пекара.